Петок Сабота Недела Понеделник Вторник Среда Четврток Петок
. : English : .
 
   MTF оваа година
 
WebDesign: KM-SoftLab.
  Награди за Животно дело
 
  Добитници на наградата за животно дело
"Војдан Чернодрински"
  Вера ВУЧКОВА (1925), актерка
Во легендата за почетокот или Колку е блиску сонцето
 

Во вистинската легенда за современиот македонски театар актерката Вера Вучкова (24 август 1925, Кнежа, Република Бугарија) влегува на самиот почеток. На сцената на Македонски народен театар (урнат по земјотресот на 26 јули 1963 година во Скопје) таа ја изговара првата реплика по подигањето на завесата во првата институционална претстава на македонски јазик, одиграна на 3 април 1945 година - Платон Кречет од украинскиот автор А. Корнејчук во режија на Димитар Ќостаров. Во таа претстава Вучкова го игра ликот на Валја со чија реплика Колку е блиску сонцето и започнува изведбата. А актерката влегува во легендата.

Актерската и животната патека на Вучкова почнува и продолжува и пред и после историскиот настан. Почетоците во театарската уметност и се во Битола, во Партизанската театарска група на АГИТПРОП (1944) во која само рецитирала. Потоа почнува нејзината работа во Македонскиот народен театар во кој е од 1945 до 1946 и во кој се враќа во 1964, за да остане до пензионирањето во 1982 година. Во меѓувреме, со Илија Милчин и Крум Стојанов, учествува во формирањето на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград, Пиринска Македонија (1947/48), работи во театрите во Бугарија: во Благоевград (1947-1959), во Димитровград (1959-1961) и во Бургас (1961-1964), а на Вишата школа за театарско искуство (ВИТЕЗ) во Софија дипломира актерство (1960).

Талентирана, секогаш тивка и толерантна кон сите во театарот, Вучкова главно игра помали ролји, но без кои во театарот не се може. Оценувана е како актерка која својата посветеност и знаење несебично го дели со другите. Во МНТ одиграла околу 40 такви ликови, меѓу кои, покрај Валја, се Спировица (Народен пратеник, 1945), Марија (Градскиот саат, 1966), Шанел (Стапица за осум бесмпомошни жени, 1966), Ана од Кливс (Хенри VIII и неговите пет жени, 1967), Сестрата за развеселување (Сенка, 1967), Рајна (Печалбари, 1969), Ана (Дабот и ангорските зајаци, 1969), Фроса (Парите се отепувачка, 1970), Мадам Вајнер (Зајдисонце 1971), Прасковја Илинична (Фома, 1972), Мајката на Хелдерлин (Хелдерлин, 1973), Берта (Хеда Габлер, 1976), Фјокла Ивановна (Женидба, 1979),Тетка Савка (Госпоѓа министерка, 1983), Цонка (Чорбаџи Теодос, 1987) ...

 
  Душан Г. НАУМОВСКИ (1938), режисер
Разновиден режисерски интерес
 

Душан Г. Наумовски (8 јули 1938, Битола) дипломирал режија на Театарската академија во Белград (1964), меѓутоа интерес кон театарот и театарската режија искажува многу порано. Во 1956 година ја поставува на сцената на Народниот театар во Битола својата прва претстава - Река без брегови по текст на Иван Ивањи. Отогаш режира на театарските сцени во Македонија, но и вон земјава. Во периодот 1963/64 бил в.д. директор на НТ во Битола, а сиот свој официјален работен век го поминува како режисер во Радио телевизија Скопје/Македонска радио телевизија.

Што се однесува до разновидноста на интересите на Наумовски во областа на режијата, негов особен белег е што тој работи низ разни медиумски области. Освен 62 театарски режии, тој е потписник на ТВ драми (16), ТВ играни серии (8), ТВ документарни серии (4), документарни филмови (7), ТВ музички серии, емисии и преноси, на поголем број радио адаптации и режии на домашни и странски автори, режии на оригинални радио драми за деца и возрасни (30), на краток игран и краток документарен филм (по еден во двете категории) за кои е и повеќекратен добитник на награди од областа на телевизиската и радио продукција.

Во областа на театарската режија, Наумовски работел на сите професионални сцени во Македонија, но режирал и во аматерски театри, на македонски, албански, турски и на српски јазик. Интересот кон драмското дело му е различен и во поглед на жанрот и во поглед на авторите, на правците и на времето од кое се тие: од античката драма до современиот македонски автор, од класиката до модерната, од битовата допостмодерната. Добитник е на четири награди за најдобра режија на МТФ Војдан Чернодрински: Јунона и паунот (1973, претстава на НТ во Куманово), во 1976 година ја добива за режиите на Соблазна во Шентфлоријанската долина (НТ во Струмица) и за Дервишот и смртта (Турска драма) и за Јас, Халил Гарија (1983, Албанска драма).

 
  Елена ДОНЧЕВА, (1942), костимографка
Истенчено визуелно чувство
 

Елена Дончева (16 април 1942, Скопје) е еден од најплодните автори во оваа професија во Македонија чија творечка дејност трае повеќе од 35-години, период во кој реализира околу 400 костимографии. Низ тоа творештво се следи ликовен, естетски и применет афинитет, кој се изразува низ барокни, класични, етнографски и модерни елементи.

Костимографија дипломира на Академијата за применета уметност во Белград (1967). Како вработена во Македонската телевизија (1967-1975) и потоа во Македонскиот народен театар (се до 2001, кога заминува во пензија), до денес постојано е со новите театарски, балетски, оперски или филмски (пет) проекти и со костимските решенија за разни телевизиски емисии. Дончева одамна го формира својот препознатлив стил: истенчено визуелно чувство во кое се спојуваат идејата, формата и бојата. Низ елементот на ликовноста стожерно место/спој добиваат карактерот и времето на/од кое се ликовите на кои им се наменети костимите. Низ нив се открива светот и човекот во него, карактерот на ликот, пораката, состојбата, слојот на кој му припаѓа. Максимално едуцирана, надарена, работлива и љубопитна, Дончева не еднаш со костимографијата ја решава и сценографијата за одделни сценски дела, секогаш понесена од високо развиената смисла за соработка, толеранција и трпеливост. Карактеристичниот потег во цртежот и колористичната хармоничност на реализацијата се откриваат и низ неколкуте нејзини костимографски изложби.

Елена Дончева е добитничка на 14 награди за најдобра костимографија на МТФ Војдан Чернодрински: Хасанагиница (1979), Пиреј (1982), Пахинтика во сон (1984), Сон на летната ноќ (1985), Црниот Зека патува во Вавилон (1986), Пипа-ритам (1986), Забуни (1989), Спиро Црне (1989), Роднокрајци (1989), Крал Хамлет (1990), Ричад III (1991), Нажалена фамилија (1992), Народен пратеник (1992), Розенкранц и Гилдестерн се мртви (1995). Добитничка е и на Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад).

Списанието Словенски екран (1975) Елена Дончева ја прогласи за најдобар костимограф во југословенската продукција за таа година...