Петок Сабота Недела Понеделник Вторник Среда Четврток
. : English : .
 
   MTF оваа година
 
  Награди за Животно дело
 
  Добитници на наградата за животно дело
"Војдан Чернодрински"
  Љубица ГОЈКОВИЌ - НИКОЛОВСКА (1945), актерка
 

Родена е на 7 април 1945 во Куманово, член е на Народниот театар од Куманово од 1966 година сe до пензионирањето. Првата улога ја добила на 15-годишна возраст во претставата „Младоста пред суд“. Заедно со татка си, актерската легенда на кумановскиот театар Ѓоко Николовски, настапувала во претставите „Ленче Кумановче“, „Печалбари“, „Зона Замфирова“, „Ташана“, „Коштана“, „Вујко Вања“, „Моралист“, „Ученикот на ѓаволот“. На сцената заедно чекореле цели 18 години. Љубовта кон театарската уметност, пренесена од татко и, продолжила да живее во неа сe до нејзиното пензионирање, па и до денешни дни.

Во Театарот во Куманово почнала да работи во неговиот златен период. Ансамблот бил солидно екипиран, многу се работело, се правеле голем број претстави и се собирале големи успеси, дури и на меѓународен план. Тогаш директор на Кумановскиот театар бил Драгољуб Димовски Шетко, човек кој собрал извонредна екипа со која Театарот достигна вистински процут, афирмирајќи го низ цела поранешна Југославија. Зенитот на Театарот траеше долга низа години.

Љубица Гојковиќ-Николовска во својата 35-годишна актерска работа настапи во околу 300 претстави. Според неа, најдрага, најпозната и најомилена улога, а во истовреме и на публиката, и е Ленче во „Ленче Кумановче“ од Васил Иљовски. За оваа улога во 1993 година ја доби Наградата на читателите на списанието „Жена“ и по тој повод е напишано: „вечната и незаборавна ’Ленче Кумановче‘, културен симбол на градот, лик без кој не може да се замисли ниту една претстава, ниту едно културно случување, вистински актер, вистинска дама, личност со стил“. Нејзе подеднакво и се драги и улогите во: „Антигона“, „Електра“, „Лазаревото писмо“, „Гејм оувер“, „Диво месо“, „Глембаеви“, „Сочувај ја својата тајна“, „Малограѓанска свадба“, „Кумановска свадба“... Повеќе и лежат драмски улоги, но добро се снаоѓа и во комедии. Актерот треба да носи во себе разновидност и подеднакво да е добар во сите жанрови...

И по толку години, Буба нема време за одмор. „Артистот, вели, секогаш чувствува долг кон публиката и живее за нејзиниот аплауз“. Се препознава по карактеристичниот глас, филмскиот поглед кој зрачи од нејзините очи и убавото лице.

„Покрај татко ми, јас израснав во театарот. Тоа како да морало да се случи. Не можам да замислам да работам ништо друго. Понекогаш не знам кој ми е прв дом, дали театарот или оној во кој живеам“. Жали што ќерките не пошле по нејзиниот пат и се надева дека тоа, можеби, ќе го сторат внуците. Смета дека е успех да се пребродат сите кризи и да се остане нормален, здрав, исполнет и жив. За свој неуспех го смета тоа што не се потврдила повеќе на филмот и на телевизијата, а жали и што не родила повеќе деца.

За нејзината игра на сцената имаат пишувано многу критичари, и тоа главно во суперлативи. На пример, за нејзината улога во „Партија реми“ од Дин Ли Кобурн, критичарот напиша: „Љубица Гојковиќ донесе на сцена една силна Моника што раскрстува не само со својот живот, туку и една жена што преку партијата реми го игра својот живот. Нејзината актерска вештина се транспонира од внимателна, суптилно предадена женственост до остра, систематична промисленост на повредена жена“ и ја покажа актерската експресивност како една од позитивните оски на еден театар кој ововремено беше на изумирање. Гојковиќ игра како да е ова последната партија реми, актерство, живот! Ја голта докрај својата способност за трансформација. И ја покажува максимално Љубица Гојковиќ, првенката на Народен театар – Куманово“. Добитник е на наградата на град Куманово за претставата „Дејство на гама-зраците врз сенишните невени“ во 1984 година и на Ноемвриската награда на град Куманово за животно дело во 2005 година.

Работела и со аматерскиот театар во Свети Николе, со кој има освоено повеќе награди.

  Димитар КОСТОВ (1936), актер
 

Роден е на 2 јули 1936 во Босилеград, Југославија, артист на Драмата на МНТ. Со артистичка дејност почнал да се занимава во 1959 година. Првите чекори ги направил на сцената на Народниот театар во Штип, каде што бил во редовен работен однос четири години. Веднаш по неговото доаѓање од Штип во Скопје, кратко време работел во Младинско-детскиот театар, каде што настапил во неколку улоги. Позначајна му е улогата во „Автобиографија“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Александар Гловацки. Насловната улога ја подготвил за неверојатно кратко време и успешно ја совладал со мошне лежерна, но и динамична игра, која ги засмевала граѓаните на Скопје, во тоа време сместени низ повеќе кампови низ градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тогашниот критичар на претставата забележал дека тоа била првата спонтана смеа на скопјани по природната катастрофа.

Костов две години работел и во Народниот театар од Куманово. Во кумановската претстава на „Венчалница“ од Ефрем Кишон, во режија на Ацо Ѓорчев, ја толкувал улогата на Буки, со која станал прв добитник на наградата за млад артист на Првите театарски игри „Војдан Чернодрински“ во 1965 година. Следната година, повторно со Кумановскиот театар и повторно во режија на Ацо Ѓорчев, за улогата на Франц во претставата „Заточениците од Алтона“ од Сартр, вторпат е носител на награда. Во образложението за нагарадата, меѓу другото, пишува дека наградата му се доделува за „полетното и вдахновено интерпретирање на улогата на Франц“. Третпат е награден за улога во Штипскиот театар, кога градот Штип му ја доделил Наградата „8 Октомври“ за особени заслуги.

Костов во Драмата на МНТ работи од 1966 година сe до пензионирањето, на 30.09.1999 година. Тој со својот пријатен сонорен глас, убава појава, со актерска игра проткаена со фин лиризам, на секој настап, во секоја улога исполнета со шарм и занес, заземаше видно место на повеќе сцени низ македонските театри. Костов поседува јасна артикулација, колку звучен толку и крепок гласовен орган, добро и рамномерно оптегнати гласни жици. Дикцијата му е чиста, исправна, логична, сразмерна и хармонична. Нашата сцена често е заматена со нечисти изговори и со лоши акценти, заразена со рецитирање, секогаш страдна за чист говор. Цврсто изговорената реченица, како извајана со длето во камен, беше неговата предност и му донесе завидно место на сцената.

Во рамките на МНТ настапувал во повеќе улоги, и тоа: Двојникот на иследникот („Вител“), Григориј Незнанов („Без вина виновни“), Рошко Подгорски („Чекор до есента“), Костадин („Печалбари“), Вершенин („Три сестри“), Басанио („Венецијанскиот трговец“), Илија („Под пирамидата“), Грофот Кент („Крал Лир“), Чеда („Госпоѓа министерка“), Арсо („Чорбаџи Теодос“), Кочкарјов („Женидба“ и асистент на режисерот), Градоначалникот („Ревизор“), Осман-бег („Македонска крвава свадба“), а има завидни улоги во некои антологиски претстави како „Среќна нова 1949“ (Диле Јограчов), „Глембаеви“ (Зилбебрант), „Македонски состојби“ (Јосип Кецман), „Бунтот во домот на страци“ (Касапот), „Буре барут“ и други.

Покрај со актерство, Костов се занимавал и со режисерска дејност во аматерските театри. Го негувал и рецитирањето, а настапил и во повеќе радиодрами за деца и за возрасни, како и во некои ТВ драми, серии и друго.