Петок Сабота Недела Понеделник Вторник Среда Четврток
. : English : .
 
   MTF оваа година
 
  Награди за Животно дело
 
  Добитници на наградата за животно дело
"Војдан Чернодрински"
  Ратка ЧОРЕВСКА (1924), актерка
 

Родена е во Штип, 1924 година.

Својот работен век таа го минува во Битолскиот народен театар (1951 - 1980). Но, важно е да се истакне дека активно настапува во репертоарот на театарот и по пензионирањето. Нејзина последна ролја е онаа во Мајстори на забуни поставена во 1994 год. Во речиси четиридецениската кариера таа израснува во респектабилен член не само во ансамблот на Битолскиот народен театар туку и пошироко. Нејзината актерска игра се одликува со едноставност и блискост, со една воздржаност и одмереност во креацијата, така што не ретко критиката ја издвојува како актерка чиј придонес е евидентен за целокупниот сценски чин. Така на пример, за претставата Пат околу светот од Нушиќ ќе остане забележано дека ... оживувањето на ликовите во комедијата не е за потценување, а за што режијата има драгоцена помош од учесниците, а пред се во толкувањето на Ратка Чоревска (Јулишка). Слични се и оценките за нејзиниот настап и придонес и во други дела од комедиографскиот жанр иако знае да се наметне со своите креации другите жанрови. За ролјата во претставата Жолтиот кафез во одгласите се потенцира дека ... Ратка Чоревска особено умешно ги издвојува драмските акценти на ликот... Прегледот на нејзиниот ангажман покажува дека тоа е подеднакво и со успех е ангажирана во дела од сите жанрови и епохи (старогрчката класика, современата светска и домашна драматургија, па и во претставите за најмладите). Ратка Чоревска важи за актерка со висок професионализам и неспорна професионална етика и сериозност во пристапот кон доверените сценски задачи. Проследувачите на театарот се сложуваат дека и покрај се нејзиниот придонес кон актерското дело во Македонија останува најевидентен во жанрот на комедијата. Во нејзината биографија стои дека таа со успех настапувала, покрај во веќе наведените, уште и во следниве претстави од овој жанр: Д-р, Одам на лов, Венчавката на Барион, Бубачки в глава, Дубровнички ѓаволштилак, Госпоѓа министерка,Чорбаџи Теодос, Свадба. Во некои постановки таа настапувала во различни ролји во временска дистанца од десетина години (Чорбаџи Теодос, Госпоѓа Министерка и др.).

Од нејзината селективна театрографија ги наведуваме и ролјите во претставите, Антица (Саветка), Домот на Бернарда Алба (Мартирија), Покојник (Ана), Чорбаџи Теодос (Цонка и Петрија), Бегалка (Велика), Окрвавен камен (Евгенија), Нечиста крв (Стоја), Крвави свадби (Тештата), Бубачки в глава (Антоанета), Самоубиец (Раиса Филиповна), Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко (Втората жена), Госпоѓа министерка (Соја и Савка), Младите се прекрасни (Леди Фицбатрес), Андромаха (Клеона), Млади синови (Ката), Лице в лице (Јованка), Свадба (Стојна), Џинот фалбаџија (Баба Трпана), Трите волшебни кучиња (Кнез), Пубертетлии и фосили (Бабата), Мајстори на забуни (Војводата Салин) и уште во Дрвената чинија, Романов и Јулија, Дамата со камелии, Бура, Ивкова слава, Хајди, На дното, Нашето бебе, Рибарски караници...

Мајските награди што ги доделувало Здружението на драмските уметници на Македонија, а за кои во 1964 година одлучувало жирито во состав, Илија Милчин, Тома Киров и Борис Стефановски ја наградува и Ратка Чоревска за улогата на Хилда Хартман во претставата Најдобра препорака.

  Мите ГРОЗДАНОВ (1943), актер
 

Роден е во Струмица, 1943 година.

Почетокот на една актерска кариера по правило е исполнет со соништа и мечти за успех; младоста го прави своето па човек мисли дека сиот свет е негов или би можел да биде. Ретко, тоа и успева. Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 год. Веднаш се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена се до пензионирањето во 2008 година. (Се разбира, тука не се смета една недела проведена во Струмичкиот театар каде што впрочем како аматер тој и ја почнува својата театарска дејност.) Случајот сакаше така што токму нему му се посреќи на самиот почеток да се вивне во уметничките височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот саревски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Митрон. Помеѓу оваа претстава и Историската хроника, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами, но и поетски збирки, приватниот театар Македонија, а на крајот секако не без значајно за неговата кариера и творечко кредо тука се подразбира и неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професија на актер. Мозаикот на неговите ангажмани уште подразбира и стотици радиодрами, режии (во професионални и аматерски ансамбли), настапи на телевизиски драми и серии, како и неколку филмски улоги. Во сите овие форми на театарското изразување до израз доаѓа неговата нескротлива енергија, неисцрпна и фасцинантна концентрација, моќ за трансформација. Она што е особено важно Мите Грозданов секој ангажман, во било која форма на театарскиот израз да биде тој, секогаш го сметал за сопствено надградување и го користел за сопствено усовршување. Лично сметам дека токму затоа неговиот усет и префинетост во кажувањето на стихови (интерпретација) после десетина монодрами од кои речиси половината се во стихови, како да кулминира во неговата проштална претстава Историската хроника. За разлика од сите негови претходни остварувања тука она што го интерпретира веќе зрачи со искуство, со патина во неговиот лик, глас, движење. Пред нас се појавува стамен и зрел актер за кого речиси веќе нема тајни на сцената. Тој е суверен, но не и самоуверен, барем не докрај за да не го обземе рутината која знае да резултира во обратен ефект.

За монодрамата по стихови на Ацо Шопов Дрво на ридот тој станува добитник на Сребрената медалја на фестивалот на монодрама и пантомима во Земун. Неговата креативност и посебност доаѓа до израз и во Задржливиот подем на Артуро Уи од Брехт. Тоа е повторно насловна и волуминозна ролја и остварување кое го сврстува во самиот врв на македонското глумиште. Неизбежно е да се спомене и неговата инстант спремена ролја кога за само два дена ќе ја подготви и ќе брилјира во улогата на Луков во Црнила од Коле Чашуле, а реперна за неговата кариера се и ролјите остварени на сцената на Струмичкиот театар во драмската трилогија на М.Маџунков. Имено токму за улогата на Иљо М. во Сенката; за ова. Како и за улогата на Светозар во Карамазови тој два пати ја добива наградата за најдобро актерско остварување на МТФ В.Чернодрински во Прилеп. Од неговите награди да ги споменеме и оние на весникот односно ревијата Млад борец и Екран. Но, иако досега неколку пати е номиниран и предложен за наградите 13 Ноември и 11 Октомври останува само надежта дека тоа допрва ќе се случи, ако се има во предвид неговиот габаритен творечки опус кој несомнено го легитимира како сериозен драмски уметник кој несомнено има уште многу да каже и да придонесе, особено ако има можност да ги реализира ролјите за кои одамна сонува (Крал Лир, Алберт Ајнштајн, Чорбаџи Теодос)...

Покрај веќе наведените претстави во неговата селективна театрографија секако место ќе најдат и Јане Задрогаз, Болва в уво, Солунски патрдии, Рибарски караници, Мајка, Грдиот Нарцис, Војцек, Тигар, Подбивна среќо моја, Зојкиниот стан, Татко, Собирен центар, Самоубиец, Од првиот здив, Вазна од порцелан...

  Чедо ХРИСТОВ (1938), актер
 

Роден е во Струмица, 1938 година.

Иако завршува на отсекот за сликарство на Вишата педагошка школа, Чедо Христов се вработува како актер во Струмичкиот театар Антон Панов. Таму останува од 1958 до 1964 год. кога преминува во Македонскиот народен театар во Скопје каде останува се до пензионирањето во 1996 год. Сепак, неговото образование не останува ниту залудно ниту попусто затоа што тој освен како актер паралелно се занимава и со сценографија на повеќе театарски сцени во Македонија што се разбира ќе биде и соодветно валоризирано токму на МТФ В.Чернодрински во Прилеп.

Уште на почетокот на неговата кариера, за време на ангажманот во Струмичкиот театар, Чедо Христов добива ласкави оценки од страна на театарската критика, а е со задоволство и со симпатии прифатен и од страна на публиката. Така, во театарските хроники останува забележано, меѓу другото, дека во претставата Љубовта е таква од Павел Кохут во 1963 год. во режија на Саша Маркус, од артистите се издвоиле оние што посебно успеале да ја трогнат публиката со трагедијата на Лида Матис се Чедо Христов... А е еден друг запис фрла поголема светлина на неговиот творечки хабитус. Имено, во истата година тој се јавува во својство на режисер, сценограф и толкувач на една од главните ролји во пиесата Три ангели. Во врска со ова претстава ќе остане забележано, дека... од носителите на главните ролји подобар впечаток оставиле Чедо Христов... Овде е важно да се согледа неговиот интерес за разни области на театарската уметност што и не е редок случај во светски рамки. И уште еден извод за неговиот ангажман во истата година, но овој пат во претставата Лето авторски проект на Бранко Ставрев: Во претставата посебно се истакнал Чедо Христов во ролјата на Безделникот. Тој со својот темперамент искусно и талентирано ја остварува ова навидум лена, но комплицирана улога. Во 1964 год. пред да премине во МНТ, Чедо Христов ја добива наградата од Здружението на драмски уметници за улогата на Ник во претставата Матуранти. Покрај веќе наведената сценографија на Три ангели, Христов во ова својство се јавува и за претставата Свет од Нушиќ во режија на Саша Маркус. А еве што за неговиот ангажман како сценограф во Матуранти ќе забележи критиката: ... Ваквото филмско третирање на просторот и времето нашло ингениозна подлога во функционалната и духовито замислена сценографија на Чедо Христов.

Меѓу првите ролји во новата театарска средина (МНТ) Чедо Христов ќе ја има во претставата Коломба од Ануј заедно со Ристо Шишков. Во врска со овој негов ангажман критиката ќе забележи: Младиот Ч.Х. дебитант на Скопската сцена е вистинска ѕвезда. (Впрочем токму затоа и ја добил главната машка улога). Потем ќе следуваат бројни ролји кои ја исполнуваат неговата актерска биографија.

Покрај досега споменатите ролји и претстави во неговата селективна театрографија уште би ги набројале и оние во Црнила, Мајка, Електра, Јунона и паунот, Крал Лир, Деца на сонцето, Хелдерлин, Хеда Габлер, Кенгурски скок, Глоговиот џбун, Ревизор, Антица, Посета на старата дама, Галеб, Типот кој добива шлаканица...

Чедо Христов како актер останува запаметен и препознатлив по својот специфичен баршунаст глас, по вештината во психолошкото нијансирање на ликовите и по својот темперамент и енергичност која секогаш умешно ја контролира и употребува.

Во билансот на неговите награди преовладуваат оние кои тој ги добил за сценографија на МТФ Војдан Чернодрински во Прилеп. Тие му се доделени за сценографиите на Тутунски пат, Смртта на трговскиот патник, Големата награда, Адам и Ева и Јас Халиј Гарсија. Што се однесува до актерството, еднаш тој е добитник на наградата за млад актер и во два наврати ја добива наградата за најдобар актер на Здружението на драмските уметници на Македонија.