Mobile Classic
 
НАГРАДИ
МТФ Статуетка

Добитници на Наградата за животно дело за 2017 година се

Петре АРСОВСКИ (1945), актер

Љупчо КОНСТАНТИНОВ (1946), композитор


Оценувачката комисија на 53-от Македонски Театарски Фестивал "Војдан Чернодрински" Прилеп, во состав: Мими ТАНЕВСКА-СРБИНОВСКА - претседател и членовите Јасна НОВАКОВ и Драган СПАСОВ-ДАЦ ги доделува следните награди:

  1. НАГРАДА ЗА РЕКЛАМЕН МАТЕРИЈАЛ се доделува на Нгадњим МЕХМЕТИ за рекламниот материјал од претставата „ЖЕНИТЕ“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
  2. НАГРАДА ЗА МУЗИКА се доделува на групата ФОЛТИН за музиката во претставата „КЛЕТНИЦИ“ во изведба на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
  3. НАГРАДА ЗА КОСТИМОГРАФИЈА се доделува на Марија ПУПУЧЕВСКА и Бранкица ЈОРДАНОВСКА за костимите во претставата „УЖЕГНАТОСТ“ во изведба на Независна Продукција: АРТОПИЈА - Скопје.
  4. НАГРАДА ЗА СЦЕНОГРАФИЈА се доделува на Валентин СВЕТОЗАРЕВ и Никола ТОРОМАНОВ за сценографијата во претставата „НИЧИЈА ЗЕМЈА“ во изведба на НУ Македонски народен театар – Скопје.
  5. НАГРАДА ЗА МЛАДА АКТЕРКА се доделува на Ебру МУСЛИ за улогата на КОРДЕЛИЈА во претставата „КРАЛ ЛИР“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
  6. НАГРАДА ЗА МЛАД АКТЕР "ТРАЈКО ЧОРЕВСКИ" се доделува на Александар МИХАЈЛОВСКИ за улогата на НИНО во претставата „НИЧИЈА ЗЕМЈА“ во изведба на НУ Македонски народен театар – Скопје.
  7. НАГРАДА ЗА ЖЕНСКА ЕПИЗОДНА УЛОГА се доделува на Наташа ПЕТРОВИЌ за улогата во претставата „ЕДНАШ СВЕТ ИЗГРАДИВ“ во изведба на НУ Театар за деца и младинци – Скопје.
  8. НАГРАДА ЗА МАШКА ЕПИЗОДНА УЛОГА "ДИМЧЕ ТРАЈКОВСКИ" се доделува на Гораст ЦВЕТКОВСКИ за улогата на РАМБО во претставата „НИЧИЈА ЗЕМЈА“ во изведба на НУ Македонски народен театар – Скопје.
  9. НАГРАДА ЗА ГЛАВНА ЖЕНСКА УЛОГА се доделува на Ангела НАУМОСКА за улогата на ФАНТИН во претставата „КЛЕТНИЦИ“ во изведба на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
  10. НАГРАДА ЗА ГЛАВНА МАШКА УЛОГА се доделува на Сашко КОЦЕВ за улогата на ЧИКИ во претставата „НИЧИЈА ЗЕМЈА“ во изведба на НУ Македонски народен театар – Скопје.
  11. НАГРАДА ЗА СОВРЕМЕНА СЦЕНСКА ДРАМАТИЗАЦИЈА се доделува на Горјан МИЛОШЕВСКИ за драматизацијата на романот КЛЕТНИЦИ од Виктор ИГО, во претставата „КЛЕТНИЦИ“ во изведба на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
  12. СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА ЗА СОВРЕМЕН АКТЕРСКИ ИЗРАЗ И ИНОВАТИВЕН ПРИСТАП КОН СВЕТСКАТА КЛАСИКА се доделува на претставата „КРАЛ ЛИР“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
  13. НАГРАДА ЗА РЕЖИЈА се доделува на Диего ДЕ БРЕА за претставата „КРАЛ ЛИР“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
  14. НАГРАДАТА ЗА УМЕТНИЧКО ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРЕТСТАВА ВО ЦЕЛИНА и се доделува на претставата „КЛЕТНИЦИ“ во изведба на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Петре АРСОВСКИ (1945), актер

Петре АРСОВСКИ

Петре Арсовски е роден 12 јуни 1945 во Мокрени. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности - Скопје во класата на проф. Илија Милчин.

КАПИТАЛЕН АКТЕРСКИ ФОРМАТ

Петре Арсовски е актер без кој е апослутно незамисливо да се зборува за македонскиот современ театар. Од оние е таканаречени капиталци на театарската сцена без кои, во претставите во кои играл и особено на неговата матична сцена Македонскиот народен театар, тешко е да се замисли како би функционирале без неговата дарба, работливост, посветеност, умеење да се фати во костец со секој доверен нов лик.

Така е полни пет децении кои се навршуваат токму оваа година откако го одиграл својот прв лик на сцената. Дебитирал во Венецијански трговец како Првиот полицаец во 1968 година, сега пак на сцената на МНТ, игра во Разговори во четири очи, ликот на Чичко Јакоб, и го подготвува ликот на Петар Николајевич Сорин во Галеб на А.П. Чехов, претстава со која МНТ ќе ги одбележи 50 години на Арсовски на оваа сцена.

Ако секоја претстава од големото здание на македонската сценска уметност, (најмногу на сцената на МНТ – 52 лика и уште 15 во други продукции, се замисли како една тула, тогаш актерската дејност на Арсовски е од капитална вредност за севкупната театарска уметност во Македонија. Во меморијата на театарот тој е мајстор кој на секоја од тие изведби/ликови им се дал целиот. Одиграл и ликови во 77 филмови или ТВ драми и серии.

Тој опус го определува значењето/важноста во однос на целата градба, но ја чува и меморијата за актерот/мајстор кој својата тула ја положил во целината на градбата. Одмерен, посветен на секој лик, на секоја изведба/лик во новата претстава, или што веќе е/била на репертоарот, сосем е јасно дека Петре Арсовски е капитален театарски формат на македонската култура – театарот, и важен и активен чинител во меѓународните театарски интеркултурни (особено балкански) вкрстувања, со оглед на тоа дека активно учествувал и во соработката, презентацијата и афирмацијата на македонскиот театар и филм со гостувањата/снимањата во други културни средини.

За Петре Арсовски може да се констатира дека не само што тој е алгоритам во/за растежот на македонското глумиште, а неговиот актерски растеж е алгоритам на неговата актерска актива: лик кој се памети, на кој му се радуваат и партнерите на сцената и режисерите во чии претстави играл/игра. Актерскиот „апетит“ му е постојан и влијае на естетскиот растеж/напредок и на младата или најмладата актерска генерација и на театарска публика.

Конечно, мислам дека низ неговата актерска евалуација, македонската театарска сцена во последниве педесет години, преку играта и умеењето на Петре Арсовски да се фати во костец со секој лик, без разлика дали е голем или мал (има само добри и лоши ликови/претстави), докажува дека тој е актер од „крв и месо“ кој тоа го покажува/докажува во скриптот на претставата.

Лилјана Мазова,
театарска критичарка и публициста




Љупчо КОНСТАНТИНОВ (1946), композитор

Љупчо КОНСТАНТИНОВ

Љупчо Константинов е роден на 11 декември 1946 во Охрид. Дипломирал на Музичка академија во Белград.

МАЈСТОР НА СЦЕНСКАТА МУЗИКА

Љупчо Константинов со своето долгогодишно искуство и фанатична посветеност во потрага по креативното, убавото, по оние тајновити музички тонови и варијации што ја хранат и возвишуваат човековата природа се вбројува во онаа плејада на врвни наши оргинални, автентични творци-уметници, достојни за почит и респект.

Вообичаено за Љупчо Константинов се вели дека е „Необичен човек кој живее во некој свој чудесен свет“. Но за мене тоа е ретка привилегија што ја поседуваат само оние креативци со неверојатен инстинкт и дар божји, кои се би сториле секојдневното сивило да го преточат во возвишен, креативен, музички – уметнички чин. И не случајно во театарските кругови во Љубљана, Марибор, Загреб, Сплит, Дубровник, Подгорица и други културни центри со театрите со кои тој долги години соработува, го нарекуваат „апсолутен гениј“ како креативец т.е. композитор во бројни претстави – театарски спектакли.

За жал, честопати некои наши врвни уметници, културни дејци, повеќе се почитувани и респектирани надвор од нашата земја отколку кај нас. Тој не е човек кој сака да се додворува на кого било или да се саморекламира и велича по разните јавни гласила – медии. Свесен за себе, за она што го носи во себе како креативна вредност, со години патува по бившите ЈУ простори, Германија, Италија, па дури и во Латинска Америка т.е. Колумбија – Богота. Секаде неговиот професионален – креативен ангажман бил високо вреднуван како од критиката така и од театарските соработници. Вистински амбасадор и достоен репрезент на се она што е вековно наталожено и кодирано како ритам и мелос на нашиот човек, преточено во своевиден театарски, сценски и музички израз.

Неговата креативна енергија подеднакво е успешна и респектабилна како во театарот така и во долгометражните играни филмови, бројните ТВ-документарни записи и краткиот игран филм.

За подобро да се запознаеме со креативниот и творечки потенцијал на Љупчо Константинов, со моќта-убавината и уметничкиот израз на неговото музичко творештво и неговиот опус, ќе ни требаат повеќе денови пред се да ги проследиме неговите записи, или да погледнеме некои од филмовите во кои доаѓа до израз неговиот креативен потенцијал – неговиот дар божји, неговиот раскошен талент.

За Г-динот Љупчо Константинов може да се зборува многу, но неговото долгогодишно делување и соработка со бројните театарски и филмски режисери, музичари и актери како кај нас, така и во бившите ЈУ простори и конечно креативниот - уметнички израз, неговиот творечки опус, неговите творби, зборуваат многу повеќе за него од чие било искажување.

Со Почит,
Мето Јовановски