Написи
среда, 12 јуни 2019
Б: Најнапред, честитки за високото признание. Во мноштвото награди што ги имате добиено се вклучува и најновата од фестивалот „Чернодрински“. Кои беа вашите првични импресии?
Б.М: Да ви кажам, бев во Берлин, на „Берлинале“ и ми се јави уметничкиот директор Катерина Коцевска. Си мислам, ме бара да се видиме и да поразговараме и ни на крај памет не ми беше дека ми се јавува да ми соопшти вакво нешто. Ја известив со порака дека сум надвор од државата и пишав да се слушнеме. Кога се слушнавме, ми кажа дека заедно со Владимир Милчин сме предложени. И затоа, наградата ми е уште подрага. Подрага, дека ја добиваме заедно, оти сме ја почнале и кариерата заедно. Сите мои професионални претстави одиграни на фестивалот „Војдан Чернодрински“ што сѐ вистински претстави, претстави кои биле квалитетни и со уметничка тежина, сите тие се работени со режисерот Владимир Милчин. Дури и првата професионална награда што ја добив на МТФ, во 1984 или 1985 година, во „Дожд во Вертомонто“ беше негова режија и токму затоа, многу ми е драга оваа награда.
Б: Во услови на потврдена, апсолутна театарска зрелост, чии почетоци датираат од 1973 година, каде го сместувате или, како го оценувате ова врвно признание – Наградата за животно дело?
Б.М: Секоја награда си има своја тежина. Меѓутоа, кога сме кај оваа награда, има посебна тежина, бидејќи доаѓа од колегите, од театарските луѓе и доаѓа од еден фестивал кој има свој долг век. Јас сум само десет години постар од фестивалот и може да речам дека ми е многу драга оваа награда и дури ми е подрага од оние што сум ги добил од одредени стручни комиси во кои одлучуваат неколкумина. Затоа, ова е нешто друго и им благодарам за тоа.
Б: Оваа ваша оцена говори во прилог на значењето и важноста на признанијата што доаѓаат од фелата. Дали тоа можеби ѝ дава една дополнителна, додадена вредност на наградата за животно дело?
Б.М: Тоа е точно. Наградата доаѓа од фелата. Јас имам добиено и меѓународни награди во Албанија, Бугарија, Косово, Кишињев – Молдавија, во Киев -Украина, каде добив прва награда за најдобар актер, како и други признанија, но оваа, ми е нешто посебно и може да кажам дека е едно заокружување на кариерата и ако, ќе продолжам, се дур имам здив и стојам на нозе.
Б: Вие сте актер кој, освен на мајчиниот албански јазик, игра и на повеќе други јазици. Вашиот театарски живопис е богат, искуството огромно. Ким Мехмети коментира за Вас дека: „Посебното на актерското царство и во биографијата на Бајруш Мјаку е дека тој нема улоги кои можеш да ги издвоиш и да ги наречеш негово врвно остварување„. Може ли за публиката на фестивалот да издвоите нешто, нешто што Вам ви е посебно важно?
Б.М.: Во мојата последна автобиографска книга што ја пишував и веќе е издадена, имам една статија во која зборувам за актерот и велам дека актерот кој ја нема дарбата за трансформацијата, тој актер, има краток живот на сцена. Јас сигурен сум дека таа дарба сум ја имал од време, од господ, се разбира, оти во многуте големи карактери и улоги од светската и од нашата драматургија што сум ги толкувал, најзабележително е тоа, дека, нема повторување, туку е секогаш ново, и во тоа е вештината на актерот.
Б: Во духот на слоганот од годинашниов фестивал: „Ова е наше време! Време за театар“, каква е вашата лична перцепција: какво е ова наше, театарско време?
Б.М.: Мислам дека театарот не е тој што беше, зашто не сме ние, односно мојата генерација, не е на „пиедесталот“, поточно, не сме активни во смисла на луѓе кои одлучуват за репертоари, за претстави, за фестивали, за учества… И, имам впечаток како да сме затворени во круг, како да сме затворени во „нашето маало“. Ние треба да престанеме да бидеме затворени и да излеземе надвор во светот и да се натпреваруваме со тие кои, навистина, значат и култура, и театар. Со самото заокружување или затворање во себе, мислам дека театарот, малку како да тапка во место. Но, секако и сигурно дека има надеж и таа зависи од генерациите кои сега се школуваат и доаѓаат и би сакал тие да бидат поактивни. Не само да се вработат во театарот и да добиваат плата, туку да мислат за театарот, да се посветат на театарот, да го носат театарот во себеси, а во никој случај само да бидат во театарот. Има голема разлика да бидеш внатре, или да го носиш во себеси.
Елизабета Ангелеска Атанасоска
Фото: Оливер Ангелески
недела, 09 јуни 2019
Театарот е неопходен за да се соочиме со предизвиците кои се закануваат да ѝ стават крај на цивилизацијата, вели театарскиот режисер Владимир Милчин, еден од двајцата добитници на Наградата за животно дело, доделена на отворањето на годинашново 54 издание на МТФ „Војдан Чернодрински “. Во интервјуто со Милчин, лауреатот зборува за неговиот ангажиран, за пристапот спрема театарот, во контекст на актуелната стварност, за омилениот жанр – гротеската, за бунтовништвото и за иновативноста од 60-ите до 80-ите години на 20 век, кога важеше за театарска авангарда- термин за кој смета дека е претенциозен и се разбира, за наградата за животно дело што ја доби од МТФ „ Војдан Чернодрински“, за која вели дека не е крај на вреднувањето на неговата уметничка дејност, зашто таа продолжува.
Б: Честитки за наградата за животно дело, со која се закитивте на годинашново издание на МТФ „Војдан Чернодрински“! Каде е нејзиното место во Вашето срце, покрај веќе освоените 7 награди за најдобра режија на овој фестивал, започнувајќи од претставата „Обесеник“ , во 1979 година, па до „ Дервишот и смртта“, во 2004 година?
В.М: Првата награда за режија ја добив за „Обесеник“ и за „Хасанагиница“, две жанровски и стилски различни претстави кои говореа за задушувањето на слободата на индивидуата. Наградата за животно дело ми значи многу, но јас не ја сфаќам како крај на мојата посветеност на театарот. И денес театарот, како и уметноста воопшто, ни е неопходен да се соочиме со предизвиците кои се закануваат да ѝ стават крај на цивилизацијата.
Б: Бевте еден од знаменосците на македонската театарска авангарда. Започнувајќи од работата во „Не-Театар Кактус“, во втората половина на 60-ите години, преку „Театарот кај Св. Никита Голтарот“ и Театарската работилница на Филозофскиот факултет, во 70-ите и во 80-ите години на минатиот век. Како, од денешна дистанца, гледате на тие времиња и дали е возможна нова театарска авангарда, денес?
В.М.: Повеќе го сакам зборот алтернатива. Звучи помалку претенциозно. Алтернативата не само што е возможна, таа е неопходна зашто е простор на предизвици, надминување на инерцијата и рутината. Тие години на алтернативата ми значат многу. Години на вриеж, на бунт и на утописка надеж. „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ беше геслото на шеесеттите, седумдесеттите и на осумдесеттите години на минатиот век. Малку е познато дека првата инсценација на Орвеловата „Животинска фарма“ се случи во Скопје, во изведба на Театарската работилница ФФ, под наслов „Како Животинската фарма од Џорџ Орвел ќе ја одиграше трупата Сини блузи“. Неколку години подоцна, драматизацијата на орвеловиот роман ја изведе лондонскиот Национален театар. Новите времиња бараат нови одговори. Еден од одговорите е Артопија.
Б: Важите за исклучително сензитивен режисер, кој преку театарот реагира и ги коментира невралгичните состојби од нашата стварност. Без директен нагласок на дневната политика, но секогаш со ангажиран уметнички пристап кон секојдневието. Иако, како режисер, сте се произнесле низ различните жанрови, се стекнува впечаток дека гротеската-фантазмагоријата, е жанрот во кој најчесто давате свој поглед на стварноста во која живееме. Зошто?
В.М.: Гротеската е повеќе од жанр, таа е стил кој е симбиоза на трагичното и комичното. Тешка, но моќна. Како да се движиш по острицата на ножот. Гротеската не е редење: малку трагично, малку комично, таа мора да биде органична. Во гротеската комичното предизвикува солзи, трагичното предизвикува смеа. Таа е дворскиот шут кој ја кажува вистината без да ги сожалува кралот, дворјаните и слугите. И без да се сожалува себеси. Како Шутот во Шекспировиот „Крал Лир“.
Б: Гледате ли светло на крајот од тунелот, чиј предвесник беше спречувањето да биде изведена Вашата претстава „Свети Сава“, во продукција на НТ „Зеница“, во ЈДП-Белград, на 31 мај 1990? За национализмот и фашизмот проговоривте во „Демони“, поставена во МНТ, во „Коските што доаѓаат доцна“, во продукција на Албанскиот театар од Скопје, а особено низ претставите во Театарот за деца и младинци „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ и „Нашиот клас“, кои беа референтни точки во борбата против бившиот режим. Но, излезе дека мора да се постави и „Ужегнатост“, со алтернативата група Артопија, за да се испрати уште една порака!
В.М.: Властодршците не сакаат да слушаат пораки кои ќе ги потсетуваат на неисполнетите ветувања, но тоа не нè ослободува од обврската да ги потсетуваме дека не сме заборавиле што ни ветиле пред да седнат во фотелјите. Историјата нè учи дека Револуциите најчесто завршуваат со реставрација на режимите кои со својата неправедност ги предизвикале. Неколку ремек-дела во светската драматургија говорат за тоа. Едно од нив е „Аждер“ од Евгениј Шварц што го поставив есента 2018 година во Битола. Паметењето е проклетство. Ме потсетува дека живеам во свет во кој веќе сум живеел и сум се надевал дека ќе доживеам нов и поубав, поправеден свет. И надежта е проклетство. Без неа не се може, но честопати нејзиното друго име е илузија.
Б: Бевте ментор на многу генерации студенти на отсекот за драмски актери во Вишата музичка школа и подоцна на ФДУ. Од студентите баравте исклучителна посветеност. Се чини дека таа вредност изумира кај нас, денес, и тоа не само во театарот. Каде ќе нè одведе тоа, ако не се промениме?
В.М.: Се посветив на школувањето актери зашто работата со актерите ја сметам за срцевина на режијата. Го научив тоа од мојот професор по режија Хуго Клајн. Великаните на рускиот театар имале свои студија во кои ги школувале идните актери. Од Станиславски до Мејерхољд и Вахтангов. Да, кај нас исчезнува посветеноста на професијата. Веројатно зашто има полесни начини да се заработат пари. Но сè уште има исклучоци. И во театарот. И сè дури има исклучоци има и надеж.
Б: Колку амбиентот во кој живееме денес, Ве мотивира да продолжите да режирате со тој бунтовнички дух од младоста?
В.М.: Во театрите во Битола и во Велес се играат две мои нови претстави: „Аждер“ и „Злосторството на 21 век“, работени според драмските текстови на Евгениј Шварц и Едвард Бонд, автори без кои не може да се разбере што се надвиснало над нас денес. Не смееме да потклекнеме, не смееме да капитулираме. Да, поразите нè болат и демотивираат, но нашата болка не е ексклузивна. Не сме ние единствените на светот кои живеат далеку од пристојноста, правдата и слободата. Она што не смееме да го заборавиме е тоа дека сите сме помалку или повеќе соучесници во убивањето на надежта. Омразата кон другите само ни ги труе душите.
Сотир Трајков
Фото: Оливер Ангелески
среда, 05 јуни 2019
Наградата за животно дело секогаш провоцира да се истражи, прочепка, анализира биографијата на лауреатот, за да може на публиката одблизу да ѝ го покаже наградениот и да докаже зошто токму тој, а не некој друг ја добил наградата. Во случајот со годинешниот добитник тоа е повеќе од лесно, затоа што станува збор за режисер и педагог комплетно посветен на театарот. И не само комплетно посветен, туку станува збор за режисер и педагог кој го трасира патот на театарот што ќе следува, преку неговите студенти и нивниот однос кон театарот што го создаваат. Поетиката на режисерот Владимир Милчин, вредно и ревносно калена/калибрирана филигрански од неговите почетоци до денес, носи неколку свои заштитни знаци, што читани заедно го дефинираат заклучокот што може да се преведе во едноставната реченица: неговата режисерска поетика и практика во македонскиот театар (заедно со С. Унковски и Љ. Георгиевски) го воведе и етаблира модернистичкиот режисерски театар! Тој активен однос, пристапот кон театарот како кон единствентата и една можност да се создаде свет во кој нема да залутате, нема само да уживате, нема естрадно да се забавувате, туку театар кој ве држи и ќе ве држи во грч и има силен емотивен замав, небаре уметничка „шлаканица“ која треба да ве натера да промислите што точно вие сте му на театарот и што тој ви е вам, па да го креирате светот на сцената на тој начин. Од изборот на драмските текстови што ги поставува, соработката со актерските и другите креативни автори во процесот на создавање на претставата, до начинот на кој режисерски го крои текстот на претставата, преку анализата на комплетната театрографија, во и вон институционалните театри (кај нас и пошироко) тие знаци може да се декодираат низ естетската призма на театар со став, со теза, ангажиран и моделиран театар во насока на храбрата максима од некои поранешни времиња – да се менува светот со помош на театарот! Од Не-театарот „Кактус“ (1964-1967), преку Театарот кај Свети Никита Голтарот (1970-1971) до Театарската работилница ФФ (1978), надвор од институциите, и од првата професионална претстава (пред дипломирањето на сцената на Драмскиот театар од Скопје ја поставува Балада за лузитанското страшило од Петер Вајс во 1969г., а дипломира следната година со Пантаглез од Мишел де Гелдерод, на истата сцена) па сѐ до најновата, премиерно изведена на 16 мај 2019г. Злосторство на 21от век од Едвард Бонд, продукција на театарот од Велес, неговата театрографија брои стотина претстави играни во земјава и пошироко. Неговите режии ги препознаваме во репертоарот на театрите во кои тој секогаш е оној првиот, прв пат што режирал, прв пат што поставил некој текст, прв пат гласно неговите претстави проговориле на теми за кои повеќемина одмолчуваат. Изборот на драмските текстови што ги поставува, исто така, реферираат на театар што не сака да молчи, ниту пак театар што само забавува. Од македонските автори чии текстови ги драматизира (не режира само готови драмски текстови), преку автори кои за прв пат ги промовира, автори чие писмо е етаблирано како директно, ангажирано, посветено, до класичните автори што имаат теза во нивната драматургија и откривањето на помалку познатите автори го покажува неговиот однос кон драмата и автентичната авторска драматика. Неговите претстави играни во театрите низ Македонија, во поранешна Југославија (особено се значајни неговите режии во театри кои токму тие негови претстави подоцна ги промовирале театарските куќи како модерни и прогресивни, како на пример театрите во Зеница или Приштина) и пошироко покажуваат како режисерската авторска практика на Милчин и значајна и важна за театарот, воопшто.
Режисерскиот ракопис на Милчин има неверојатна моќ, предводен од главната идеја, преку згуснатата симболика и еклектичната текстура, да презентира театар што продуцира високостилизирана, директно насочена и остро поставена перформативна уметност која и гласно говори и силно боли и агресивно доминира и остава снажен впечаток на гледачот! Преку стилизираниот, гротексно реализиран визуелен простор (темна масовна/масивна сценографија) исто толку комплексна и експресивна костимографија, како и вонредно направената музичка селекција, тој создава автентично место во кое актерот/актерите (кои во процесот од режисерот добиваат нестандардна подготовка) ќе одиграат текст кој треба да провоцира, поставува прашања, емотивно ќе ве помести и истовремено ќе ве натера лично да прогресирате во повеќе различни и општествени и политички и естетски насоки. И како режисер и како преведувач и како педагог и комплетната негова работа за македонскиот театар значат привилегија да се сведочи неверојатната моќ на режисерот Милчин да ја прикаже својата автентична авторска естетика на дексрибирање и минуциозно вивисецирање на односот индивидуалец – власт/општество преку богатата, комплексна театарска слика до која е дојдено во процес и на авторско и на колективно истражување.
Проф.д-р Ана Стојаноска,
театролог
среда, 05 јуни 2019
Вистинскиот род на уметниците, оние кои ги носат на своите плеќи вистинските уметнички вредности и кои тие вредности ги подигаат сè повисоко, обогатувајќи ја на тој начин ризницата на една нација, лесно ги препознаваме затоа што ги имаат познатите карактеристики и затоа што имаат познат амблем кој ги прави да се поинакви од уметничкиот калабалак во кој, во принцип, има место за сите. Нив ги издвојува леснотијата со која го градат своето уметничко дело, ги прави посебни уметничката дијадема која, впрочем, им стои и на секој друг дел од нивната индивидуална целина, како и посветеноста кон сопствената уметничка професија. Уметничкото царство на Бајруш Мјаку е богато, има богата ризница, се простира од класичните улоги на светските автори па до оние од нашата национална современа драматургија. Посебното на актерското царство и во биографијата на Бајруш Мјаку е дека тој нема улоги кои можеш да ги издвоиш и да ги наречеш негово врвно остварување. Можеби тој не дозволува улогата да му ја определи уметничката судбина затоа што самиот им ја определува славата на улогите што ги толкува. Затоа, можеби, и ти се чини дека театарските улоги се тие на кои Бајруш им се прилагодува, но имаш и чувство дека сите улоги кои тој ги толкувал му се прилагодени нему. Ова чувство доаѓа затоа што Бајруш речиси не глуми: тој ја игра судбината определена на роден актер кој, како таков, се игра себеси во една професија што има потреба од него исто толку колку што тој самиот од театарот. Нема сомнение дека Бајруш Мјаку е голем актер кој со своето уметничко ангажирање докажува дека уметничката големина се постигнува само тогаш кога не се изморуваш барајќи, кога не ти недостасува сомнежот до каде си стигнал, кога чекориш напред обземен од љубопитноста да го откриеш она што се затскрива зад улогите што си ги толкувал. Се разбира, Бајруш Мјаку е актер кој чекори сè повисоко и сè подалеку, поттикнат од убедувањето дека за да ја постигнеш сонуваната цел, треба да му се потчиниш на убедувањето дека таа цел секогаш ти бега, дека после секоја идна улога таа ти се оддалечува еден чекор подалеку, дека уметничкото богатство не го сочинува постигнувањето на целта туку чекорењето кон неа. Ако немате среќа да го сретнете Бајруш Мјаку поинаку од само на сцената на театарот, на некоја театарска претстава каде тој го игра другиот со своето лице, ќе забележите и нешто зачудувачко: леснотијата со која тој може да стане некој друг. Леснотија е особина само на големите актери кои имаат свој јасен уметнички профил и таа им овозможува во секоја улога да изгледаат како да се тие самите. Но, кога го гледате Бајруш на сцена, бидете внимателни: тој не е од оние актери кои не можат без театарот – тој е актер без кој театарот не може да преживее. Досегашната дејност на Бајруш Мјаку објаснува и една посебност која ги карактеризира големите актери: тие самите ги определуваат границите на својот уметнички свет, самите ја одбележуваат топографијата на нивната уметничка карта која станува сè поголема и ги надминува граничните црти на етничката уметност на која припаѓаат, и секогаш, за да се остварат себеси, им недостасува простор. Токму таквиот Бајруш Мјаку поодамна ги надминал границите на нашиот национален театар и станал сопственост на сцените кои не се зборува албански. Или на сцените каде што тој зборува албански, а другите го читаат неговото толкување на нивниот мајчин јазик. Играл и во претстави по разни театарски центри на други држави. Со својата глума ја восхитувал и публиката на многу европски центри како и на оние од овој Балкан, каде што имало и такви кои поради политички причини не го сакале, но немало театарски критичари кои не признале дека Бајруш е актер кој му недостасува на секој театар во овие простори.
Меѓутоа, нема сомнение дека уметноста ја сочинуваат многу категории на актери без кои таа не може да опстане. Но, исто така, нема сомнение дека портретите на големите уметници имаат препознатливи карактеристики кои ги чинат да бидат меѓу себе слични. И нивната сличност оди до таму само да видиш дека личат на себе. Или, колку ти се чини дека можеш да ги споредиш со некого, колку ти се чини сличен со некој друг голем уметник, по секоја следна улога тој ти личи на некој друг, на крајот сфаќаш дека ти изгледа таков бидејќи е неспоредлив, иако сите други можеш да ги споредиш со него, и да кажеш: во својата уметничка индивидуалност ги содржи сите карактеристики кои треба да ги има еден комплетен актер.
Затоа, тој ги има сите врвни актерски вредности и со тоа може да наликува на Бајруш Мјаку.
Ким Мехмети
Извадок од книгата „Дневникот на дневникот на лудиот“ од Бајруш Мјаку